Министерството за економија денеска го објави огласот за пронаоѓање на фирма што ќе го изработи проектното решение за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните на Старата скопска чаршија и на другите чаршии низ земјава (Охридската, Струшката и Битолската).
Предложените проектни решенија на огласот треба да го сочуваат главниот влез на дуќаните, да ги оформат фасадите со натпис сразмерен на нивната површина, влезот на дуќаните да го оплеменат со зеленило и да предвидат натстрешница во склоп на излогот. Поднесените трудови треба да преферираат квалитетни материјали и оков за излозите, додека нивната конструкција треба да биде од масивно дрво. Врз основа на изготвените решенија, надлежното министерство во наредниот период ќе ја реализира санацијата и адаптацијата на дуќаните.
За изготвување на проектните решенија е проценето дека ќе се потрошат околу 5.000.000 денари. Договорот со најповолниот понудувач ќе биде потпишан во времетраење од 12 месеци. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди до Министерството за економија најдоцна до 15 септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.