Скопски книжевен фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА во МКЦ и Сули-ан

Сподели

 

Скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“ #7, годинава ќе се одржи на 26-ти, 27-ми и 28-ми август во МКЦ-Скопје и во Сули-ан.
 
Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…
 
Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата.
 
Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на хрватската писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)…
 
Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната интердисциплинарна изложба „Тогаш ќе пораснеш и мапите стануваат страшни“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.
 
Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.
 
Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Луциќ (поет и уредник).
 
На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.
 
Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ирена Бекиќ (библиотекарка и кураторка на галерија), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).
 
Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата на скулптури „Суштества страшни со фризури и машни“. Фестивалот ќе се затвори со изложба на керамички дела на Анета Попова.
 
ВЛЕЗ: слободен