Во Словенија од денеска, по повеќе од еден месец, повторно се отворени повеќе продавници, салони и сервиси, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Словенците уште утрово, почитувајќи ги сите мерки, со заштитни маски и држејќи соодветна раздалеченост, ги наполнија салоните за мебел и продавниците за градежен материјал.
Од денеска повторно се отворени и терените за тенис и голф, а сообраќаат и автобуските линии за организиран транспорт на работници.
Набрзо ќе бидат отворени и фризерските и козметичките салони.
Ваквото олабавување на мерките доаѓа откако податоците на Националниот институт за јавно здравје на Словенија покажуваат се помал број лица заразени со новиот коронавирус.