СМДС со отворено писмо: Зошто пратеникот Никола Поповски лажно се претставува како министер за надворешни работи?

Сподели

Во отвореното писмо до в.д. министерот за надворешни работи Илија Исајловски, синдикалците од редовите на македонската дипломатија го обвинуваат „пратеникот Никола Поповски“ за лажно претставување како министер за надворешни работи и бараат „да се разгледа евентуалната кривична одговорност“.

 Извршниот одбор на Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), по интервјуто на пратеникот Никола Попоски за еден италијански весник, со крајна загриженост бара од в.д. министерот за надворешни работи Илија Исајловски, објаснување за досегашните случувања, итна корекција на сите сегменти каде пратеникот Попоски фигурира како министер за надворешни работи и отварање на ова прашање пред Владата.

СМДС бара најитно објаснување „врз основа на што, ако е тоа точно, му е дозволено на пратеникот Попоски да го користи кабинетот на министерот во МНР и зошто не се реагира со појаснувања до јавноста дека пратеникот Попоски веќе не е МНР; најитно да се корегираат сите оние дезинформации на сајтот на МНР каде пратеникот Попоски фигурира како министер и најитно отворање на прашањето на седница на Владата, поради тоа што се работи за противправност видлива кај редица други поранешни министри, а сега пратеници, вклучувајќи го и последниот премиер“.

„По извршениот увид во важечката уставно-законска регулатива, и посебно членовите 63 од Уставот, потоа, членовите 5 и 9 од Законот за пратеници, како и членот 8 од Изборниот законик, најнедвосмислено произлегува дека на пратеникот Попоски, функцијата заменик-премиер и министер за надворешни работи му престанала по сила на законот со денот на верификација на мандатот за пратеник“, пишува СМДС.

 „Извесно е дека не се работи за ниту теориска можност за примена на членот 93 од Уставот, бидејќи во Владата на која и’ престанал мандатот има нејзини членови кои не станале пратеници, па оттука, не може да стане збор дека постои каква и да е неопходност оние членови на таквата Влада кои станале пратеници – да продолжат да ги држат своите претходни функции заради опасност од дисфункционализација!“ децидни се македонските професионални дипломати.

Според нив, токму таков е случајот со Министерството за надворешни работи, со оглед на тоа што заменикот-министер, во какви и да е услови на спреченост на министерот – целосно ги има ингеренциите да ја врши министерската функција.

„Следствено, сé што по 30 декември 2016 година презел пратеникот Попоски претставувајќи се како министер за надворешни работи, е лажно претставување, па дури треба и да се разгледа евентуалната кривична одговорност“, тврди СМДС.

Синдикалците потенцираат дека и на сајтот на Владата и на сајтот на МНР сé уште фигурира пратеникот Попоски како министер за надворешни работи, и сé уште се објавуваат вести за неговите активности како министер.

„Извесно е дека последните интервјуа на пратеникот Попоски се дадени од позиција на партиски функционер и, евентуално, пратеник, меѓутоа, во нив фигурира дека е тој актуелен заменик-премиер и министер за надворешни работи. Следствено, изјавите што се таму содржани непосредно или посредно се ставови и на ова Министерство, а за што веќе реагиравме и претходно (Соопштение за јавноста од 2 јуни 2016) при што се оградивме од таквите изјави, практично некои од нив сега повторени, и каде објаснивме зошто истите се недопустиви за еден министер за надворешни работи. Уште повеќе, што едно од тие интервјуа е дадено за неодамна регистриран странски медиум и тоа од личност која наводно има одлежано затворска казна заради говор на омраза! Апсурдните изјави дека сме како Шведска, Финска или Данска дури и не заслужуваат да ги коментираме“, децидни се синдикалците во македонската дипломатија.