Со концертот „Го славиме јубилејот“, на кој како солист ќе настапи нашата светски позната оперска певица, сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф-диригентот, маестро Јерухам Шаровски од Израел, денеска (10 октомври) во 20 часот ќе биде отворена новата, роденденска сезона на Филхармонијата со наслов „Одисеја“.
Во рамките на концертот, премиерно ќе биде изведено делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, како и симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски. На концертот премиерно ќе биде изведена и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори што институцијата го распиша годинава.
Инаку, во концертната сезона 2024/2025, во која Филхармонијата ќе го прослави својот 80-ти роденден како најстара културна институција во земјава, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.