Самата Фејсбук страница од каде што се споделува постот e новокреирана и нема други содржини освен наградна игра. Компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница предупредува дека истата е лажна, така што постот го оценуваме како невистинит и измамнички, пишува Вистиномер
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува лажна наградна игра во која злоупотребен е брендот на Киппер Маркети.
Содржината на постот гласи:
Здраво на сите. ГОЛЕМИОТ ПАЗАР е тука за вас денес
. Среќни сме да објавиме дека овие денови подаруваме парични награди и купони за купување за сите специјални.
Изберете го вашиот месец на раѓање и ќе добиете подароци врз основа на избраниот месец на раѓање, направете го тоа веднаш!
Јануари _ 8000 euro,
Фебруари _ 3000 euro,
Март _ 7000 euro,
Април _ 4000 euro,
мај _ 9600 euro,
Јуни_8000 eurо,
Јули _ 5200 euro,
Август _ 3600 euro,
Септември _ 3600 euro,
Октомври _2.500 euro,
во ноември _ 900 euro,
Декември _3000 euro.
Наградната игра е измислена, а за да се наведат корисниците на социјалната мрежа на лажна импресија дека е веродостојна, споделени се фотографии од Киппер маркетот, од влез и негова табла со обележјето на брендот.
Не е првпат преку лажни Фејсбук страници во кои честопати има само еден пост, да се злоупотребуваат брендови на македонски и странски компании и преку лажно претставување во нивно име, да се тврди дека се делат награди. Всушност, во некои од овие постови, целта е да се соберат личните податоци на граѓаните, а во други постови целта е страниците од кои тие се шират да добијат голем број на лица што ги следат. Потоа тие страници од страна на анонимните администратори се продаваат или им се отстапуваат на користење на други лица и им се менува името, за да на нив се споделуваат други содржини.
Дека оваа наградна игра е невистинита, покажува фактот што не е споделена од официјалната страница на Фејсбук на Киппер маркетите. Таа страница може да се најде на следниот линк и има 145 илјади допаѓања. Киппер Маркетите од официјалната страница на Фејсбук на 4 јануари споделиле известување дека станува збор за лажни подароци лажни Фејсбук страници кои со злоупотреба на нивниот бренд оперираат на Фејсбук.
Во нивната објава пишува:
Известување!! Почитувани потрошувачи, По социјалните мрежи кружат лажни подароци / наградни игри во име на Киппер Маркет . Ве информираме и потсетуваме дека официјални страници на социјалните мрежи на Киппер Маркет се само:Facebook: https://www.facebook.com/KipperMarketInstagram: https://www.instagram.com/kippermarketДоколку на интернет ви биде побарана било каква лична информација или податоци за платежна картичка , ве советуваме да не ги праќате вашите податоци и случајот веднаш да го пријвите во секторот за компјутерски криминал при МВРСо почит, Киппер Маркет!
Имајќи предвид дека самата ФБ страница e новокреирана, нема други содржини освен лажната наградна игра, како и фактот што компанијата Киппер на својата официјална Фејсбук страница предупредува дека истата е лажна, постот го оценуваме како невистинит и измамнички.
Постои пракса да се создаваат невистинити наградни игри на социјалните мрежи за која Вистиномер веќе пишуваше овде.
Освен брендот на Киппер маркетите, на сличен начин злоупотребени беа и имињата на повеќе познати домашни и странски компании. Вистиномер пишуваше и за лажните наградни игри во кои беа злоупотребени Самсунг, Икеа, Техномаркет.
Корисниците на социјалните мрежи мора да бидат внимателни, претпазливо да ги проверуваат страниците и со резерва да пристапуваат кон ваквите наградни игри.