Со поддршка на УСАИД се вработиле 115 лица со попреченост

Сподели

Од 2012 година до 2016 година, преку проекти на УСАИД се вработени повеќе од 115 лица со попреченост, а 12 отвориле сопствен бизнис.

Истовремено над 70 лица реализирале практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации, а повеќе од 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост, соопштија од УСАИД кои годинава одбележуваат 25 години од своето присуство во Македонија.

Во моментов УСАИД во партнерство со фондацијата „iVote“ работи на проект чија цел е да ја зголеми интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите треба да им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.

Преку овој проект, за првпат во Македонија се изготвени 20 онлајн курсеви за меки и бизнис вештини во формат кој целосно одговара на потребите на заинтересираните лица, односно се прилагодени за да може да ги следат лица со оштетен вид, слух, говор или пак блага интелектуална попреченост. Повеќе од 130 млади лица ги завршиле овие онлајн обуки, а 27 преминале во втората фаза каде се обучуваат за работа во ИКТ секторот во една од трите области: тестирање на софтвер, програмирање и мултимедија. Овие лица по завршувањето на курсевите, ќе имаат можност за работа во ИТ компаниите каде ќе можат практично да ги применат стекнатите вештини, како основа за понатамошно вработување.