Со промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“, заврши Летната школа на УКИМ

Сподели

 

Со промоцијата на зборникот „Шопов на 11 јазици“, кој го објави УКИМ, вчера заврши 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Станува збор за единствен зборник од ваков формат, во кој се објавени преводи на песни од великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, на 11 јазици, со вклученост на поголем број странски македонисти, познавачи на македонскиот јазик, литература и култура.

Инаку, зборникот е произлезен од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која се одржа во јануари годинава како прва активност во рамките на националната програма „2023 – година во чест на Ацо Шопов“. Ова е трет зборник на преводи објавен од МСМЈЛК при УКИМ, а втор од ваков обем и формат по зборникот „Конески на 11 јазици“ објавен во 2021 година, кога се чествуваше 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Зборникот „Шопов на 11 јазици“ веќе е достапен и во електронски формат на веб-страницата на УКИМ: https://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/Zbornik_Ssopov_na_11_jazici.pdf

Со оваа промоција се заокружија активностите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а денеска ќе се одржат последните лекторски часови со врачување уверенија на семинаристите.

В петок (1 септември), пак, активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со јубилејната 50. Меѓународна научна конференција, која традиционално ќе се одржи во Охрид. Ова издание на Конференцијата, која е единствен научен собир во регионот посветен на јазик, национална литература и култура со толкава традиција на непрекинато одржување секоја година и со толкав број објавени зборници, ќе биде посветено токму на творештвото на Шопов по повод значајниот јубилеј и на Крсте Мисирков по повод јубилејот 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“.