Собранието денеска во 11 часот ќе ја одржи осмата седница, на која како прва точка на дневен ред е предлогот на завршна сметка на буџетот на Република Македонија за 2016 година, како и повеќе закони поднесени од опозицијата и годишните извештаи на повеќе институции.
Пратениците треба да расправаат по предлог-законите за изменување и за дополнување на Кривичниот законик во прво читање, дополнување на Законот за исплата на платите, предлог-законот за изменување на Законот за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на буџетот на Република Македонија за 2017 година, по скратена постапка, како и за годишен извештај за работата на Советот на јавните обвинители.
Нема информација дали денеска ќе има ново продолжение на шестата седница, на која точка на дневен ред е разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.
Вчера, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прекина продолжението на собраниската седница откако координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, повторно побара пратениците да прекинат со работа во 18 часот бидејќи голем дел од нив сакаат да го одбележат верскиот празник Павловден со своите семејства.