Софтверски систем е-Градежно земјиште: Обезбедување достапни сервиси за граѓаните и јакнење на капацитетите на општините

Сподели

Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште, кое Министерството за транспорт и врски му го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), која понатаму ќе го проследи до општините во Република Македонија.

Оваа софтверска програма има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија.

Со програмата е-Градежно земјиште, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите за постапување по овие прашања.

Премиерот Заев во своето обраќање по повод овој настан во ЗЕЛС истакна дека овој сервис во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт.

„Пренесувањето на надлежностите кон локалните самоуправи овозможува додемократизација на Република Македонија. Убедени сме, дека преку еден ваков механизам, со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Република Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

„Посакувам успешно менаџирање, сакам да знаат и граѓаните и градоначалниците, но и советниците, дека владата продолжува со јакнење на капацитетите на општините за нови чекори за децентрализација на власта. Ги разгледуваме и новите институционални можности за децентрализирање, да пренесеме нови надлежности и да ги зајакнеме финансиските капацитети на општините“, потенцираше премиерот Заев во обраќањето по повод примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште од Министерството за транспорт и врски на Заедницата на едниците на локалните самоуправи, и додаде дека пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните.