Сојузот на стопански комори ќе издава меѓународен сертификат “Safety Travel Stamp”

Сподели

 

Со цел гарантирање на безбедни услови за престој и користење на услуги во угостителските објекти, хотелите, мотелите, автокамповите Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Министерството за економија издава меѓународен сертификат за безбедност „Safety Travel Stamp“ односно „Знак за безбеден туризам“.  Со овој меѓународно признат сертификат се потврдува дека објектите во целост ги спроведуваат, почитуваат и практикуваат домашните и светските препораки за превенција и заштита од ширењето на вирусот Ковид 19 што создава сигурност кај домашните и кај странски гости.

 

 

„Во време на пандемија, со рестриктивни мерки за патување и постојан страв за сопственото здравје, туризмот и угостителството се едни од најпогодените индустрии, посебно кога станува збор за меѓународните патување. Многу е важно да се убедат туристите дека Македонија е безбедна туристичка дестинација, со соодветни протоколи кои гарантираат безбеден престој и патување. Знак за безбеден туризам како меѓународно признат сертификат, е токму она што ќе ни помогне да ја пренесеме пораката дека сме безбедна дестинација и ќе ја вратиме Македонија на туристичката мапа на Европа“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителска комора, потенцирајќи дека сега е потребна  брза имплементација на овој сертификат и негова промоција во земјава и во странство.

Граматиков истакна и дека со промоцијата на овој сертификат треба да се почне веднаш и истата треба да ја спроведат приватниот сектор како и државните институции, преку информирање на своите партнери во земјава и во странство со цел што поскоро да го вклучат и самите тие овој сертификат во пакетите кои ги нудат за патување во Македонија.

Сертификатот може да го добијат тур-оператори и туристички агенции, автокампови, ресторани, кафетерии, хотели, мотели и други видови на алтернативен туризам. Аплицирањето за добивање на сертификат се врши преку интернет платформа https://safetravels.gov.mk, каде заинтересираниот правен субјект поднесува барање за добивање на сертификатот.

Овластувањето за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ и протоколи за безбедно патување го издава Светскиот совет за туризам и патување (WTTC), а во нашата земја се имплементира со поддршка на Министерството за економија и Швајцарска амбасада. Со развојот на оперативни параметри кои значат безбедно патување, WTTC создаде печат за оние кои ги аплицирале и се придржуваат до здравствените стандарди и овозможуваат безбеден престој на туристите.

Главната придобивка од воведувањето на овој „Safety Travel Stamp” е тоа што ќе го поттикне домашниот туризам и ќе ја зголеми довербата за Македонија како дестинација кај странските туристи. Сертификатот им овозможува на туристите полесно препознавање на компаниите и дестинациите кои работат според глобалните, стандардизирани протоколи за заштита од Ковид.

Со воведувањето на овој сертификат се влијае и на подигнување на свесноста за важноста на туристичко-угостителскиот сектор како генератор на економски раст и развој.