Утре во Скопје ќе се одржи Состанок на министри за надворешни работи, со кој што се означува почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на РС Македонија и Република Бугарија за 2020 година. Покрај министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во Берлинскиот процес од Европската унија и Западниот Балкан, на состанокот ќе земат учество претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.
Заедничкото претседателство на Република Бугарија и Република Северна Македонија со Берлинскиот процес е силен сигнал за регионално сопствеништво и можност за претставување на важни регионални теми во поширок европски контекст. За време на состанокот ќе биде најавена приоритетната агенда на Заедничкото претседателство која цели кон зајакната интеграција и конвергенција меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социо-економски план.
Состанокот ќе го отворат министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров, министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева и министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хајко Мас. Предвидено е поздравно обраќање од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски.
Во пресрет на состанокот, министерот Димитров изјави: „Министерскиот состанок е првиот настан во рамките на заедничкото претседателство со Берлинскиот Процес од страна на Република Северна Македонија и Република Бугарија. Воедно, ова е и прво заедничко претседателство на Берлинскиот процес меѓу земја членка и земја кандидат за членство во ЕУ, што е потврда и поттик за зајакнатата регионална соработка во контекст на европските интеграции. Состанокот претставува одлична можност да се демонстрира силна политичка визија и да се упатат јасни, заеднички пораки во однос на регионалната соработка и европските перспективи на регионот пред престојниот Европски совет и Самитот во Загреб“.
Министерката Захариева изјави: „Како ко-претседател заедно со Република Северна Македонија со Берлинскиот процес за Западен Балкан за 2020 година, Република Бугарија е одлучна да продолжи да работи на зголемувањето на позитивните примери на добрососедски односи помеѓу државите во регионот. Ова е начинот за да се загарантира регионалната стабилност и да се разрешат какви било отворени прашања. Состанокот на Министрите за надворешни работи од Берлинскиот Процес за Западен Балкан во Скопје е првиот од серијата на важни форуми кои ги планираме во рамките на нашето заедничко претседателство. Кулминацијата, на нашите заеднички напори под оваа регионална иницијатива за поддршка на Европската перспектива на Западниот Балкан, ќе биде Самитот во Софија кој ќе се одржи оваа есен.“
Во рамки на заедничкото претседателство, помеѓу 8 и 10 март во Скопје се одржува и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија. Во рамки на ТинкТенк форумот е предвидено поздравно обраќање од страна на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски. Согласно агендата, на 9ти март, на затварањето на настанот ќе говорат министрите Димитров и Захариева. На 10ти март, на заедничките тематски панели учество ќе земат министри за надворешни работи, претставници на Европската унија, Советот за регионална соработка и тинк-тенк заедницата.