Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.
На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата во врска со вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.
Во невремето, како што првично информираа од Министерството за внатрешни работи, животите ги загубиле 15 лица од североисточниот дел на Скопје, поточно Стајковци, Арачиново и околината.
Засега нема официјални информации за вкупниот биланс на штети предизвикани од поројниот дожд, грмежи и силниот ветер кои вчера попладне го зафатија главниот град и околината.