Спасени залутаните лица со чамец од клисурата на Пчиња

Сподели

Четири лица, две жени, еден маж и едно дете кои се изгубија, а се на возраст од 29, 18, 35 и 7 години доцна синоќа биле заглавени на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до опасната локација каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот. Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

Изгубената група се обидувала по стрмен терен да стигне до манастирот Мала Богородица, по што се загубиле и немале можност да се вратат.

Во 2 часот по полноќ лицата беа безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот, од каде што со возила се превезоа во нивните домови во Скопје.

Спасителите беа од доброволното друштво „Македонски спасител безбедност на вода и планина Велес“, заедно со припадници на САЕ „Тигар“.