Спасовски: Имаме сериозни индиции дека пожарите се подметнуваат од политички причини

Сподели

“Ситуацијата во делот на пожарите, за жал ескалира во државата и тоа од неколку причини, не се само временските услови што се поволни за пожари, затоа што имаме навистина сушен период, меѓутоа најголемиот дел од нив се пожари што се подметнуваат. Доколку ова што ни се случува е од политички причини, а имаме сериозни индиции тоа да го потврдиме во наредниот период, станува збор за сериозен тероризам што се прави на државата”, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред француската амбасада.

Министерот Оливер Спасовски информира дека досега се поднесени кривични пријави против девет лица како сторители на пожари, а најголем дел од нив се во врска со бизнис интереси во делот на трговијата со дрва.

“Апелирам во овој дел на пожарите и оние што се нарачатели од кој било апсект, ако е тоа од бизнис заедницата, бизнисот не се води преку предизвикување на штета врз природата. Ако е од политички аспект, сакам да упатам порака на политичарите да не се занимаваат со работи што прават директна штета и на природата и на државата само заради ситни политички поени, со тоа не се добива ништо”,- изјави министерот Спасовски.