Спасовски: Македонија е родена на придобивките на НОБ, преку нив ја чуваме државата

Сподели

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски запрашан за случувањата околу протестите во врска со отворањето на бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, во интервју за МАКФАКС студио, информираше дека протестот заврши без посебни нарушувања на јавниот ред и мир, а наспроти шпекулациите, немало никакви обиди за судир со полицијата.

„Јас го разбирам протестот кој го изразуваат граѓаните како најсилно право да го искажат тоа што го размислуваат. Лично јас, осудувам отворање на таков клуб во Република Северна Македонија, посебно во Охрид. Зошто, заради тоа што ние сме држава која е родена на придобивките на НОБ. Тие придобивки ги чуваме ги негуваме заради тоа што на тој начин ја чуваме државата. Во идеолошка смисла јас сум следбеник на тие политики и мислам дека е апсолутно неприфатливо да биде промовиран начинот на однесување преку ликови кои биле дел од фашизмот“, порача Спасовски.

Запрашан какво влијание ќе имаат актуелните случувања и константното провоцирање од бугарска страна со компромитирачки имиња од бугарската историја врз безбедносната состојба во државата, министерот Спасовски дециден:

„Во смисла на безбедноста не може да има сериозни нарушувања, бидејќи тоа се маргинални групи, кои заради некакви лични интереси, финансиски интереси, успеваат да ги ангажираат и да бидат дел од некакви процеси овде. Најголемото мнозинство од македонските граѓани не ги поддржуваат тие придобивки, туку придобивките кои се база, темел на македонската држава. Затоа е и мојот став таков, личен став, но и став на градот од кој доаѓам. Куманово е град кој жестоко се спротивставил на фашизмот и тоа го направиле плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот“, рече Спасовски, додавајќи дека многу е нелогично што од една страна барањата на Бугарија се дека не треба да се нарекуваат фашисти, наспроти историските факти дека во одреден период на историјата биле на страна на фашизмот, што од друга страна, воопшто не кореспондира со овие настани кои сакаат да ги промовираат во Северна Македонија.

„Едно со друго не оди! Едноставно, мора да се определиме кон иднината, мора да имаме визија за иднината на државата, на граѓаните. Ретроградните процеси нема да придонесат за ништо добро за било кој што живее во Република Северна Македонија“, подвлече министерот Спасовски.