Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Петтата пленарна сесија на Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија, што се одржува во Собранието на Република Северна Македонија, во присуство на амбасадорите на партнерските земји и претставници на релевантни институции.
За тоа како се справуваме како држава со хибридните закани со какви закани, особено ако се земе предвид фактот дека многу училишта добија пријави/дојави за поставени експлозивни направи, министерот Спасовски истакна дека во тој контекст се и дојавите за поставување на експлозивни направи во скопски средни училишта.
„Би сакал да истакнам дека сите дојави од страна на МВР се третираат со максимална сериозност и се преземаат сите активности: откако ќе се спроведе евакуацијата, се обезбедува заштитен периметар и се пристапува кон антитерористичка проверка на објектите и околината, при што се ограничува и пренасочува сообраќајот. Притоа, Република Северна Македонија не е некој исклучок за ваквите хибридни напади т.н. лажни дојави за бомби. Напротив, на ваков тип напади масивно се изложени и соседните земји – како на пример: Србија, Хрватска и Црна Гора, а и подалечните, како Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. Без разлика на зачестените закани, Министерството на секоја закана ѝ приоѓа со максимална професионалност и сериозност “, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски го издвои и донесувањето на неколкуте значајни стратешки документи, како што се Националната стратегија за компјутерска безбедност, Стратегијата за градење на отпорност и справување со хибридните закани, Стратегијата за компјутерски криминал. Притоа, потенцираше дека клучен фактор е силната меѓународна соработка и брза размена на информации помеѓу земјите и агенциите за спроведување на законот.
„Би сакал да истакнам дека во првата половина од 2022 година регистрирано е зголемување на компјутерскиот криминал во нашата земја за значителни 48% во однос на истиот период од 2021 година, додека причинетата материјална штета е десеткратно зголемена во однос на лани. Од вкупниот број на регистрирани дела по преземени мерки и активности расчистени се 76 дела, со што е постигната вкупна ефикасност од 67%, која е зголемена за околу 10% споредбено со лани”, информираше министерот Спасовски, при што додаде дека како МВР се оди чекор понатаму со воспоставување на ИКТ Центар во Прилеп, кој е токму за заштита и чување на електронските податоци кои што ги има не само МВР, туку и другите институции со кои што склучуваме договори.
Во однос на прашањето за тоа во кои канали за меѓународна полициска соработка сме вклучени и за учеството во ЕМПАКТ (Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани), министерот Спасовски најпрвин истакна дека за целиот период од кога тој е на функцијата министер за внатрешни работи, постојано ја нагласува и става акцент на меѓународната соработка. „За таа цел, во БЈБ – Секторот за меѓународна полициска соработка е единствена контакт точка за официјална меѓународна размена на информации со сите канали за меѓународна полициска соработка: ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ, СЕЛЕК и странските полициски офицери за врски акредитирани за нашата земја. Со овие агенции имаме исклучителна соработка, која ја потврдивме на заеднички средби изминатиов период”, потенцираше министерот Спасивски, додавајќи дека еден од позначајните продукти, при чија изработка со свој придонес учествуваше МВР во текот на сите изминати години, е Извештајот за проценка на закани од сериозен и организиран криминал во ЕУ, кој ги дава базите врз основа на кои Советот на ЕУ ги усогласува приоритетите во областа на сериозниот и организиран криминал. Што се однесува до учество на РСМ во EMPACT во 2022 година, министерот Спасовски нагласи дека споредено со минатите години, бележиме примерен напредок.
„Република Северна Македонија во текот на оваа година учествуваше во 9 Оперативни акциски планови (ОАП) и во 26 Оперативни акции (ОА), во рамки на следните приоритетни криминални области: криминални мрежи од висок ризик; компјутерски напади; трговија со луѓе; сексуална експлоатација на деца; криумчарење мигранти; недозволена трговија со синтетички дроги и прекурзори; организиран имотен криминал; криминал врз животната средина; трговија со оружје. Покрај ова, во тековната година учествува/ше во неколку Заеднички акциски денови во областите за еколошки криминал, фалсификување документи, илегална миграција и криумчарење на мигранти, како и недозволена трговија со луѓе со цел сексуално искористување, присилување на криминалитет и питачење, криминал со моторни возила, илегална миграција и фалсификување документи и други оперативни акции, од кои поголемиот дел се во областа на недозволената трговија со оружје.
Во 2023 година пријавено е учество во 12 Оперативни акциски планови и 108 Оперативни акции, притоа Северна Македонија ќе биде ко-лидер во четири Оперативни акции”, истакна министерот Спасовски.