Во емисијата „Вин вин“ на Телма телевизија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше прашан за состојбата во овој момент по однос на сајбер заканите.
„Сосема логично е прашањето и темата да биде приоритет на сите нас, на институциите. Во право сте кога говорите дека недоволно или многу малку посветувавме време на прашањето на сајбер безбедноста. Тоа не е само прашање на Северна Македонија, тоа е прашање на сите држави во регионот и пошироко во ЕУ. Бидејќи, ако ги погледнеме наназад, до пред 5 години ретко кога на било која министерска конференција разговаравме за сајбер безбедност и за градење на капацитетите кои би биле одговор во делот на сајбер безбедноста. Сега изминативе години веќе нема конференција на која не се разговара и на која не се градат заеднички политики”, рече министерот Спасовски напоменувајќи ја соработката со САД и со ЕУ, како дел од процесот на пристапување.
„Меѓутоа, во билатералната соработка со сите држави, регионот и светот, еден од приоритетите мора да биде сајбер безбедноста. Зошто?! Затоа што од безбедносен аспект тоа се предизвици на долг рок на глобално ниво. Како што е тероризмот, како што е миграцијата, на исто ниво е и сајбер безбедноста и, секако, организираниот криминал и корупцијата. Во тој дел е многу важно при предвидливоста на заканите да се земе предвид сето она што значи справување со сајбер безбедноста. Исклучително важно е да се заштитат институциите и критичната инфрастурктура на државата. Анализите покажуваат дека сајбер нападите, хибридите војни можат да бидат многу поразорни дури и од конвенционалните војни, затоа што иако како граѓани не перцепираме голема закана, сепак сајбер напад на било која институција може сериозно да го загрози нормалниот живот на граѓаните”, нагласи министерот Спасовски.
Осврнувајќи се на заштитата на критичната инфраструктура, министерот Спасовски рече:
„Како никој друг предизвик во делот на безбедноста ни покажува дека практично безбедноста сме сите ние! И како граѓани и како институции. Критичната инфраструктура е нешто што апсолутно мора да биде заштитено и затоа се предлага да се донесе Закон за заштита на критичната инфраструткура, а тоа е и како обврска од делот на ЕУ и нашето пристапување. Јас сум задоволен што пред неколку години првпат ја отворивме дискусијата за критична инфраструктура, благодарение на соработката со научната јавноста и тука сакам јавно да се заблагодарам на професорката Марина Митреска која практично иницираше една дебата и организација на конференција за критична инфраструктура, кога првпат во Република Северна Македонија отворивме дебата колку е важно да имаме Закон за критична инфраструктура, да изградиме механизми на заштита на критичната инфраструктура или отпорност на самата критична инфраструктура. На тоа следуваа многу активности кои беа понатаму преземени во делот на анализи, вклучување на научната јавност. Секако, Министерство за одбрана заедно со други институции го подготвува законот. Многу е важно преку тој закон да се дефинира што значи критична инфраструктурата, колку би бил обемот на опфат и заштита во државата”, истакна министерот Спасовски.