Спасовски: Зголемена безбедноста на граѓаните, набавени пет пловни објекти за езерската полиција

Сподели

 

“Задоволство ми е што денеска ги промовираме петте пловни објекти што ги набавивме за македонската полиција, со што значително ги зајакнуваме капацитетите за заштита на границите, особено овде на Охридското езеро”, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција во Охрид по повод набавката на пет пловни објекти за езерската полиција.

 

 

„Ова е набавка што се прави за прв пат по повеќе од 20 години, а е уште еден пример за нашата посветеност комплетно да ја опремиме македонската полиција и да обезбедиме максимални услови за работа на полициските службеници, што пак носи подобри резултати односно ја зголемува безбедноста на граѓаните. Во оваа прилика сакам да упатам огромна благодарност до Владата на Република Чешка и амбасадата на оваа пријателска земја, кои во изминативе години постојано ни помагаат во оваа цел“, рече министерот Спасовски.

 

 

Два пловни објекта со цврсто корито се набавени од сопствени средства од буџетот на МВР со вредност од 8.055.511 денари, а согласно склучениот Договор за донација помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерство за внатрешни работи на Република Чешка набавени се два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец со вредност од  8.144.074 денари. Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација GPS, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера, со што значително се зајакнуваат капацитетите за заштита на границите. Поголемите пловни објекти се со јачина од 200 коњски сили, а помалите со мотор од 160 коњски сили. Ова ќе овозможи висока ефикасност на припадниците на граничната полиција во секакви временски услови, како во делот на граничниот надзор и спречување на секаков вид прекуграничен криминал во Охридското и Преспанското езеро, така и во услови кога е потребно да се пружи помош и спасување во водите на езерата од најразлични причини.

 

 

„Ова е само дел од она што го правиме за да овозможиме што подобри услови за работа на полициските службеници. Набавуваме униформи и опрема за полициските службеници, а посветено работиме и на реновирање на полициските станици. Во тек е реконструкција на ОВР Кавадарци, ОВР Крива Паланка, ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар. Пред два дена ја исплативме и бонус платата за 2017 година, а во наредните месеци ќе ја исплатиме и бонус платата за 2018 и 2020 година. Обезбедувајќи подобри услови за работа за полициските службеници, добиваме поголема безбедност за граѓаните. За тоа говорат намалениот број на сообраќајни незгоди, големите заплени на дрога, оружје и пиротехника, како и многу други резултати на полицијата во изминатиов период“, рече министерот Спасовски.