По повод свечената седница на Собранието на Република Северна Македонија на која се донесе Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери оствари средба со г. Атила Местерхази, вршител на должност претседател на ПС на НАТО, кој заедно со г-ѓа Руксандра Попа, генерален секретар на ПС на НАТО, беа официјални гости на оваа седница.
Претседателот Џафери го истакна историскиот момент кој денес заеднички го споделува и со претседателите и претставниците на парламентите на земјите-членки на НАТО, кои се блиски соседи на Република Северна Македонија, како и со амбасадорите на сите земји-членки на НАТО. Истакна дека, Република Северна Македонија е ветеран во процесот на пристапувањето кон НАТО, и заокружувањето на нашата речиси тридецениска реформска НАТО агенда, ќе значи и почеток на една нова ера во Алијансата, заедно со останатите 29 земји-членки. Република Северна Македонија е подготвена да ги споделува нејзините темелни вредности и активно да придонесува кон светскиот мир и безбедност. Република Северна Македонија е рекордер по две основи: по изработувањето на 18 на годишни планови досега, но и по брзината со која се одвиваше процесот на ратификација на Протоколот за нашето членство во националните парламенти на земјите членки на Алијансата, истакна претседателот Џафери. Тој изрази надеж дека по процесот на ратификација во Кралството Шпанија, земјата наскоро ќе стане 30-та членка на НАТО.
Господин Местерхази го оцени како историски овој ден за земјата, што претставува наследство, но и среќа за сегашните и сите идни генерации на Република Северна Македонија. Тој го поздрави учеството на земјата во мисиите на НАТО како активен чинител, кој е од интерес не само за земјите членки, туку и придонесува за стабилност, просперитет и мир на целиот регион. Во однос на ЕУ, тој ја оцени постапката на Франција како грешка, нагласувајќи дека истата треба што поскоро да се поправи, бидејќи дефокусирањето на интересот од Западен Балкан отвора можност за влијанија од трети страни кои не одат во прилог на безбедноста на земјите во ова опкружување.
Двајцата соговорници беа согласни дека Парламентарната делегација на Република Северна Македонија во ПС на НАТО наскоро ќе може да ги ужива бенефициите и да ги практикува обврските кои произлегуваат од нашето членство во Алијансата и дека взаемната соработка ќе продолжи и ќе бележи на интензитет во иднина.