Денеска министерот Оливер Спасовски одржа работен состанок со претставниците на Делегацијата на Европската унија предводени од г-дин Никола Бертолини, на кој се разговараше за процесот на програмирање за ИПА III програмата кој е во тек. Согласно насоките дадени од страна на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија во рамките на секторската работна подгрупа ,,Внатрешни работи“, каде што Министерството за внатрешни работи е водечка институција, беа подготвени неколку стратешки документи вклучително и два Стратешки одговори и две акциски фишеа за областите борба против организираниот криминал и граничното управување и миграциите.
Министерот Спасовски на состанокот истакна дека Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку месеци направи исклучителни напори за обезбедување на потребните информации со цел успешна подготовка на потребните документи. Г-дин Бертолини информираше дека Министерството за внатрешни работи во рамките на оваа програма ќе биде главен корисник на два проекта во областите борба против организираниот криминал и гранично управување и миграции. Министерот Спасовски им се заблагодари на претставниците на Делегацијата на ЕУ за континураната поддршка со уверување дека одличната соработка ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина.