Средба на Пендаровски со италијанскиот претседател Серџо Матарела

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски во Рим оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

 

 

На средбата, двајцата претседатели разговараа за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Италија, при што нагласија дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба.

Тие го истакнаа и одличниот и континуиран политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската и економската соработка.

Соговорниците разговараа за најновите случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската Унија, при што претседателот Пендаровски изрази задоволство од традиционалниот интерес и континуираната јасна и безрезервна поддршка на Италија во однос на нашите евроинтеграции.

Претседателите Пендаровски и Матарела констатираа дека интегрирањето на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е во интерес на регионалната безбедност и просперитет и порачаа дека е неопходно што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Северна Македонија.

По средбата претседателот Пендаровски даде изјава за медиумите во која посочи дека имаме целосна поддршка од Италија, не само за Северна Македонија, туку за целиот Западен Балкан. Претседателот Матарела ќе се заложи евроинтегративните процеси да се интензивираат, рече претседателот Пендаровски по средбата со италијанскиот претседател.

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил, а во попладневните часови, претседателот Пендаровски заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.