Претседателот Стево Пендаровски го прими поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан.
На средбата се разговараше за актуелностите поврзани со решавањето на статусот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и надминувањето на црковниот спор. Претседателот Пендаровски уште еднаш изрази честитки за признавањето на каноничноста на нашата црква од страна на Вселенската Патријаршија, со што се отвора просторот за градење на духовно единство со православниот свет и го оцени чинот како признание за нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија.
Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан го информираше претседателот Пендаровски за наредните чекори во процесот на целосно заокружување на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, за што и двајцата соговорници се согласија дека е од врвен национален интерес.