Претседателот Стево Пендаровски, денеска прими претставници од Фондацијата „Славко Јаневски“, меѓу кои беше и Јана Јаневска Терзиоска, претседателка на Извршниот одбор на Фондацијата и ќерка на Славко Јаневски.
На средбата, претставниците од фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го информираа претседателот Пендаровски за реализираните активности во изминатите две години и го запознаа претседателот со нивните идни проекти и планови. Тие најавија дека оваа година, кога се одбележува стогодишнината од раѓањето во план е да се реализираат повеќе активности, манифестации и културни настани под мотото „Славко Јаневски во XXI век“.
Претседателот Пендаровски, искажувајќи почит кон творештвото на Славко Јаневски како истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар, изрази поддршка за работата на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и посочи на неопходноста од поактивен ангажман на државните институции во одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање.
Инаку, Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е формирана во 2017-та година пред се, за да се сочува традицијата на наградата „Роман на годината“, којашто до тогаш ја доделуваше Утрински весник.
.