Средба на претседателот Пендаровски со сенаторите Џин Шахин и Петер Велч

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими сенаторката Џин Шахин и сенаторот Петер Велч.

Изразувајќи задоволство од посетата на нашата земја, претседателот Пендаровски ја истакна досегашната соработка со САД потврдена со Декларацијата за стратешко партнерство и соработка од 2008-та година, како и сојузништвото на двете земји во рамки на НАТО.

На средбата се разговараше за поддршката која што САД ѝ ја даваат на Северна Македонија при спроведувањето на активностите кои се насочени кон зголемување на стабилноста и зајакнување на демократските практики. Истовремено, на средбата беше потврдена и успешната соработка и партнерство во доменот на одбраната, особено меѓу АРМ и Националната Гарда на Вермонт, земјата која сенаторот Велч ја претставува во Сенатот.

Соговорниците разменија и мислења за безбедносните предизвици во регионот, но и пошироко во Европа и во светот во контекст на неодамнешните немири на северот на Косово, руската агресија во Украина, како и војната во Израел и во појасот Газа.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за долгорочната поддршка од Соединетите Американски Држави за севкупните реформски процеси нагласувајќи дека земјата посветено ќе продолжи да работи на спроведувањето на сите неопходни реформи со крајна цел, влез на Северна Македонија во ЕУ.