Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска се сретнаа со европскиот експерт Питер Ванхојте придружуван од претставниците на ЗНМ, претседателот Насер Селмани и извршниот директор Драган Секуловски.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата е изразена заедничка согласност дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество.
Експертот Ванхојте и претставниците на ЗНМ ја поздравиле иницијативата на премиерот Заев и на Владата, медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата.
– Работиме и ќе работиме активно со претставниците на медиумската заедница во Македонија, со цел да поставиме долгорочно издржани, системски решенија во медиумската сфера, според најдобрите европски пракси. Се отворивме за целиот реформски процес, а тоа важи и за медиумските реформи. Ја консултираме целата експертска јавност. Го консултираме граѓанскиот сектор. Ќе ја вклучиме и опозицијата. Нашата цел е да обезбедиме МРТ да биде кредибилен јавен сервис, професионално работење на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и услови за објективно и непристрасно работење на сите други медиуми, бидејки интерес на сите граѓани е да бидат навремено и точно информирани, истакнал Заев на средбата.
Ванхојте оценил дека премиерот Заев и новата Влада со реформската определеност отвораат перспективи за квалитетен живот на граѓаните и европска иднина на државата и додадал дека е важно разбирањето на Владата за важната улога на медиумите во демократските промени, што очекува да го види и ЕУ. Тој посочил дека Македонија е на дното по медиумски слободи во извештаите на сите релевантни европски и светски институции и организации токму поради досегашното отсуство на политичка волја да се осигура слобода на говорот, професионално новинарство и заштита на новинарите.
Претставниците на ЗНМ, Селмани и Секуловски ги соопштиле ставовите на ЗНМ и на пошироката медиумска јавност со којашто се во контакт, околу конкретни прашања поврзани со предвидените реформи во медиумите. ЗНМ бара посебно да се обрне внимание на заштита на новинарите од насилства од страна на државни институции, како и од притисоци преку нетранспарентни судски процеси, за што се потенцирани досегашни бројни примери.
На средбата премиерот Заев се заблагодари на европскиот експерт Ван Хојте за неговиот придонес во демократските процеси во Македонија. Исто така премиерот Заев и министерот Поповски најавија интензивна соработка со ЗНМ и претставниците на медиумската заедница во Македонија за сите суштински прашања од интерес за новинарите и медиумите во Република Македонија.