Средба Пендаровски – Жбогар: Честитки за новата функција и од Доналд Туск и од Јункер

Сподели

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими Шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

Евроамбасадорот Жбогар на претседателот Пендаровски му честиташе за изборот и му посака успешно вршење на одговорната функција. Воедно, му пренесе поздрави и му предаде писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

 

На средбата беа разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Република Северна Македонија во однос на европските интеграции. 

Претседателот Пендаровски укажа дека почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.

 

„Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите“, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

Двајцата соговорници се согласија дека Република Северна Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на Претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните.

 

Претседателот Пендаровски и евроамбасадорот Жбогар констатираа дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Република Северна Македонија.