Средба со германската директорка за ЈИЕ, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шутц

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Сузане Шутц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

 

 

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија и беше констатирано дека се карактеризираат со искрено пријателство, заемна почит и разбирање. Во тој контекст двајцата соговорници го реафирмираа заедничкиот интерес за натамошно зајакнување, проширување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската сфера во која двете држави бележат интензивна соработка.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од значајниот придонес на Германија на нашиот европски и евроатлантски пат, изразен преку нивната отворена, силна и принципиелна заложба за донесување одлука за почетокот на пристапните преговори за нашето членство во Европската Унија.

Претседателот истакна дека државата во изминатиот период покажа висок демократски капацитет и политичка зрелост, преку спроведувањето на значајни реформски процеси како и преку унапредувањето на добрососедските односи, во функција на обезбедување стабилност и трајна безбедност на регионот. Во тој контекст, имајќи предвид дека нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат, тој изрази уверување дека Северна Македонија многу брзо, заслужено ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации и во однос на предизвиците коишто произлегуваат од бегалската и мигрантската криза. Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија континуирано ја следи состојбата и презема мерки и активности за успешно справување со кризата.