Денеска во 18:30 часот во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски закажана е средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев кои ќе го договараат датумот за изборите, најави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето до јавноста дека што поскоро ќе свика средба меѓу лидерите на двете најголеми политички партии за да се договорат датумот за изборите.
Дали 5. јули или, пак, тоа ќе биде три дена подоцна, или некој друг датум, ќе се знае после средбата.
Избори во јули ќе има, со оглед дека претседателот Пендаровски денеска најави дека нема да ја продолжи вонредната состојба.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека избори треба да има, но истите треба да бидат во договор и учество на сите политички субјекти. Вели важно е државата да добие што поскоро функционални институции, но исто толку е важно да има и инклузивен изборен процес.
„Поради тоа што Собранието е распуштено, а имаме недоволно разработена правна регулатива за вонредни ситуации имаме иницијални елементи на уставно-правна криза. Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за дестабилизација преку хибридни закани и лажни вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна“, рече претседателот Пендаровски.