Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Република Македонија на оваа земја.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, му честиташе на претседателот Пахор на победата на тукушто завршените избори и на неговиот нов мандат како Претседател на Република Словенија, и му пренесе честитки и во името на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Премиерот Зоран Заев, го информираше претседателот Пахор за прашањата за кои тој покажа особен интерес како што се реформските процеси и соработката на владината коалиција во Република Македонија со опозицијата, за добрососедските односи, како и за прашањето на евро-атлантските процеси на нашата земја.
– Настојуваме пред нашиот парламент да настапиме со издржани и важни реформски закони во многу области за кои очекуваме и ќе стимулираме широка поддршка од политичките сили внатре во парламентот. Наша определба е и да ја зајакнеме улогата на парламентот после политичката криза и да ја вратиме довербата во институциите – нагласи премиерот Заев.
Во однос на евро-атлантските аспирации и процесот на нашата земја во таа насока, премиерот Заев информираше дека и за ова прашање се работи и се подготвуваат услови за политички консензус.
Претседателот Пахор истакна дека Словенија внимателно ја следи и ја одобрува добрососедската и регионалната политика на Република Македонија како еден од условите за членството во ЕУ и НАТО, и нагласи дека Република Словенија останува и понатаму силен поддржувач на Република Македонија во овие процеси.
Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор нагласи дека искрено се надева дека многу бргу Република Македонија ќе биде следната членка на НАТО и дека со ЕУ наскоро ќе биде постигнат договор за старт на пристапните преговори.