Средбата на власта и опозицијата за идното јавно обвинителство заврши без напредок

Сподели

 

Денешната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата во Министерството за правда заврши без напредок. Различните ставови се непроменливи во однос на двете страни за составот на идното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција и за иднината на предметите кои СЈО ги отвори пред и по завршување на законскиот рок.

Според министерката за правда Рената Дескоска, барањата на ВМРО-ДМПНЕ се ретроградни и сталинистички.

– Со ваквите барања ВМРО-ДПМНЕ очигледно има за цел да ја намали ефикасноста на обвинителството за организиран криминал и корупција. Очекувам дека опозицијата ќе ги стави државните интереси пред партиските и да ги промени своите барања. ВМРО ДПМНЕ бара целосно демонтирање на СЈО и на Обвинителството за борба  организиран криминал, затоа што не се согласува сите обвинители и вработени во СЈО да преминат во Обвинителството за борба организиран криминал, ниту ова Обвинителство да продолжи со истрагите од прислушуваните разговори“  – изјави Рената Дескоска.

За случајот „Рекет“ Дескоска кажа дека бил шок за сите и дека секој кој е вклучен во криминал треба да одговора – без разлика дали е близок до власта, опозицијата или обвинителството.

Според претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски очигледно е дека власта не е спремна да се откаже од контролата врз обвинителството за организиран криминал и корупција но не е спремна да се откаже ниту од обвинителката Вилма Рускоска која според нив се однесува како адвокат на високи функционери на власта кои очегледно се вмешани во аферата рекет.

ВМРО ДПМНЕ побара и Обвинителот кој ќе биде на чело на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција да се избира од Советот на јавни обвинители но по предлог на собраниската комисија за избори и именувања. Исто така предложиле и со завршувањето на мандатот на републичкиот јавен обвинител да прекине мандатот и на 27 обвинители кои раководат со други обвинителства – што за власта занчи централизација и парализирање на целиот систем.