Средношколци од Скопје работат на минијатурен болид со погон на компримиран воздух за натпревар во Лондон

Сподели

 

Група ученици од СУГС „Орце Николов“ од Скопје креираат минијатурен болид по примерот на моделите во Формула 1 кој ќе работи со погон на компримиран воздух и истиот ќе го претстават на натпреварот Aramco Formula 1 schools World Finals 2022, што ќе се одржи во јули годинава во Лондон.

Ова е прво учество на ученици од Северна Македонија на престижниот меѓународен натпревар за дизајнирање, тестирање и изработка на најбрз мини болид, кој им овозможува на учесниците да развиваат академски и животни вештини со кои се зголемува нивната вработливост, како и да започнат и развиваат кариера во инженерската индустрија.  

 

 

Дел од учениците кои го сочинуваат тимот што ќе настапува под името AERTH Racing остварија средба со претставници на Министерството за образование и наука на која го претставија својот труд. На состанокот му беше посакан успех на ученичкиот тим и беше потенцирано дека државата има потреба и секогаш ќе се гордее со вакви талентирани, креативни и иновативни млади луѓе кои всушност значат иднина и општествен просперитет.  

Меѓу членовите на средношколскиот тим е и ученичката Мила Перинска која ја има улогата на дизајнер и со својот пример претставува мотивација за сите други средношколци, посебно за девојчињата да се насочат кон STEM (science, technology, engineering and math), како најбарана професија на пазарот на трудот. 

 

 

Aramco Formula 1 schools World Finals 2022 е најголемиот СТЕМ натпревар на светот кој се одржува секоја година започнувајќи од 1999 година. Годинава ќе се одржи во периодот од 9ти до 15ти јули, а ќе се натпреваруваат учесници од 50 земји.