ССНМ: Македонија не смее да биде земја во која нема слобода на медиуми

Сподели

 

„На Денот на слободата на медиумите, за жал, Македонија спаѓа во земјите во кои не постојат слободни медиуми. Тоа го покажува индексот на „Фридом хаус“ за 2017 година, според кој се мерат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. И оваа година на скалата на „Репортери без граници“ Македонија е последна во регионот“, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Од синдикатот велат дека само неколку дена пред одбележувањето на Денот на слободата на медиумите, по речиси 20 години опстојување, се затворија неколку весници кои некогаш беа бедем на слободното новинарство.

„Зад таквиот поразувачки резултат, стои долгогодишното создавање атмосфера на страв, закани од отпуштања новинари од работа, затворање на слободните медиуми и нивно прогласување за државни непријатели. Етикетирање, шиканирање, физички напади, а во некои случаи и затвор за новинарите кои критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата. Од друга страна, се негуваат и се создаваат пропагандистички машинерии, кои шират лаги и невистини затскривајќи се зад новинарската професија“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека подметнувањето и ширењето на лажните вести, на пропагандата и користењето на медиумите за манипулација е проблем што демократскиот дел од светот почна да го препознава неодамна, но во Македонија новинарите и медиумските работници веќе со години го сведочат.