Стартува субвенционирањето на велосипеди и електрични тротинети за граѓаните на Општина Карпош

Сподели

 

Од 3.февруари ќе стартува субвенционирањето на нови велосипеди и електрични тротинети за граѓаните на Општина Карпош. Со одлука на Советот на локалната самоуправа, карпошани ќе можат да аплицираат за добивање на субвенции и тоа со 30 % од вредноста, но максимум до 3.000 денари, додека електричните тротинети ќе бидат субвенционирани исто така со 30% од вредноста, но максимум до 5.000 денари од вредноста. За оваа акција се предвидени вкупно 500.000 денари од буџетот на локалната самоуправа, со вклучен данок во субвенцијата. Овие мерки се во насока на намалување на аерозагадувањето, а акцијата ќе се спроведе по принципот „прв дојден-прв услужен“.

 

 

Исто така, со одлука на Советот се предвидува и субвенционирање на проектот „енергетски ефикасни домови“ на станбени згради за колективно домување во Општина Карпош. Субвенцијата што ќе ја дава Општината по објект ќе изнесува 30%, но не повеќе од 600.000 денари од вкупната инвестиција. Вкупниот износ на финансиската поддршка на овој проект изнесува 3.000.000 денари. Преку овој проект, освен промена на фасадата со енергетски нова, е предвидено и промена или поставување на енергетски ефикасен покрив. Пртиоа Општината субвенционира 30%, но не повеќе од 150.000 денари од поправката и санацијата на оштетена покривна конструкција и кровен покривач.

Условите кои станарите треба да ги исполнуваат за да аплицираат за енергетско ефикасни фасади се: станбените згради за колективно домување да бидат постари од 25 години, заедницата на сопственици да има донесено Одлука дека сопствениците на посебните делови се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за да се изработи енергетски ефикасна фасада, заедницата на сопственици да има донесено Одлука за избор на најповолна понуда за изведувач за да се изработи енергетски ефикасна фасада, како и да има донесено Одлука за избор на најповолна понуда за надзор на изведбата за да се изработи енергетски ефикасна фасада.

Советот на Карпош даде „зелено светло“ и на предлогот на локалната самоуправа да се субвенционира и поправка и санација на лифтовите во зградите во Карпош и тоа со 30% учество, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката или санацијата на постоечкиот лифт. За оваа намена се предвидени еден милион денари, колку што ќе се издвои од Буџетот и за покривните констукции.

Советниците дадоа согласност за аплицирање по проектот за добивање на финансиски средства за замена на стари куќни водомери со нови ултразвучни водомери и интеграција на истите во системот за далечинско отчитување на ЈП „ Водовод и Канализација – Скопје“. Притоа намерата е со оваа активност да бидат зафатени домовите на сите граѓани во Влае 1 и делумно Влае 2.

На седницата се изгласаа и Одуките за давање согласност за закуп на деловен простор во У.З „ Влае“, М.З „ Бардовци“, М.З „ У.З Нерези“.