Столтенберг во Скопје на средби со државниот врв

Сподели

Jенс Столтенберг вечерва ја почнува првата официјална посета на Македонија со неформалните средби, а агендата на генералниот секретар на НАТО започнува утре. Столтенберг прво во министерството за надворешни работи ќе се сретне со министерот Никола Димитров, потоа оди на прием кај претседателот Ѓорге Иванов, и продолжува на средба со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Од владата велат дека посетата на Столтенберг се реализира на покана на премиерот Заев, кој тој ја упатил за време на посетата на Брисел. Фактот што Столтенберг ја прифатил поканата за владата е доказ дека Северноатлантската алијанса ги вреднува реформите кои се направени и кои се поставени како услов за влез освен проблемот со името на последниот самит на НАТО. Последен генерален секретар на НАТО кој ја има посетено земјава е Андерс Фог Расмунсен за време на прошталната посета во 2014 година.

 Столтенберг утре во собранието ќе се обрати на пратениците а ќе се сретне и со спикерот Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски. Попладнето генералниот секретар на НАТО оди во владата каде ќе ја заокружи посетата на Скопје со заедничка прес конференција со премиерот Заев. Во однос на очекувањата за влезот во НАТО од посетата на Столтенберг од владата велат дека не очекуваат различен став од заклучокот на НАТО во Букурешт, дека е потребно наоѓање на заедничко решение со Грција за влез во Алијансата. Како што информираат од владата за време на посетата на Столтенберг и неговото движење на повеќе локации, во главниот град нема да има затворања на улици или посебен сообраќаен режим, туку ќе се спроведуваат стандардните протоколи за посета на важни личности.