Вратата на НАТО е отворена за нови членови, но преминувањето на прагот бара сериозна работа, порача Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето пред пратениците, државниот врв и првите луѓе на повеќе институции на седница на Собранието на Република Македонија. Во него тој посебно се осврна и ги пофали ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија и изгласувањето на Законот за јазиците.
Столтенберг порача дека членките на северноатланската алијанса може едногласно да поканат која било европска земја да стане членка, но за тоа да се случи има уште работа што треба да се заврши. Сепак, како што рече, пред седиштето на НАТО има место за уште знамиња.
– Договорот од Вашингтон нагласува дека членките може преку едногласен договор да поканат која било европска земја да се приклучи на Алијансата, доколку таа земја е во состојба да ги следи обрските на договорот и придонесува во северноатлантската сфера. Под тие услови Црна Гора стана 29. членка на НАТО минатата година, со еднаков глас во нашите дискусии и еднакви права и одговорности како сите други земји – членки. Гледањето како црногорското знаме се издига за првпат пред седиштето на НАТО беше горд момент за мене. Но, има сè уште место за уште знамиња пред седиштето на НАТО – рече Столтенберг.
Сепак, рече тој, едно е да се биде амбициозен, а друго е реалната ситуација и мора да се реши прашањето за името на, како што рече, „вашата земја“. Тој инаку не го употреби зборот Македонија ниту еднаш во говорот што траеше дваесетина минути.
– Сакам да успеете, НАТО сака да успеете, но иако е добро да се биде амбициозен, важно е да се биде и реален. Има уште работа што треба да се сработи. Тоа значи – решавање на прашањето за името на вашата земја. Ова е прашање што му тежи на овој регион и на оваа земја предолго време. Оттука, ја поздравувам покажаната волја на оваа влада да се разреши ова прашање. Вчерашната средба на преговорачите во Њујорк беше уште еден важен чекор. Охрабрен од неодамнешниот напредок, ја користам оваа шанса да ве поттикнам да се приближите напред – порача Генералниот секретар на НАТО.
Подеднакво важно е да се подобрат односите со сите соседи, рече тој.
– Исто така добро е да покажете добри односи со соседите. Членките на НАТО се одушевени поради развојот на односите со Бугарија, и јас честитам за ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, но мора да работите да ги подобрите односите со останатите во регионот – рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО ги спомена и насилствата од 27 април минатата година и рече дека настаните во Собранието го шокирале и него и сите членки на НАТО.
– Сепак бевме импресионирани од тоа што го видовме од тој ден понатаму, за напредокот што сите го сторивте за формирање нова отворена поинклузивна политичка култура, во калење на новиот национален дух, гледање напред и истрајност. Пред девет месеци се приближивте кон работ на една карпа. Но, од тогаш една држава од потенцијална нестабилност се претворивте во држава на реални можности – рече Столтенберг.
Тој посебно значење даде на диверзитетот и на донесувањето на законот за јазиците.
– Како поранешен пратеник и премиер на Норвешка разбирам многу од предизвиците со кои продолжувате да се соочувате. Долгата политичка кариера ме научи колку е поинклузивно едно општество, толку е поуспешно. Диверзитетот е сила, не слабост. Таму каде што има диверзитет придружен од добро управување има успех – порача Генералниот секретар на НАТО.
Во говорот тој оддаде признание на македонската одбрана за придонесот на мисијата на НАТО во Авганистан, но рече дека и во тој сектор се потребни реформи, а како посебно важно го посочи зголемувањето на буџетот за одбраната до ниво од 2 отсто од БДП.