Странски македонисти и слависти од 18 земји на Летната школата за македонски јазик

Сподели

 

Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на 17 август, ќе започне 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

На Школата којашто ќе трае до 31 август ќе учествуваат околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави – посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Пријавени се семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република.

Програмата на Школата е конципирана така што семинаристите ќе следат лекторска настава. Организирани се лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно – кое е со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година.

-Пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Летната школа се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се остварат и со поддршка од Општина Охрид.

По 56. Летна школа,  од 1 до 3 септември, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, ќе се одржи и јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.