„Студентски пленум“ бара од УКИМ веднаш да реагира на тепањето студенти

Сподели

plenum

„Студентскиот пленум“ бара од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ веднаш да реагира против тепањето студенти, да не ги признае изборите и да побара истрага за вчерашните случувањата на УКИМ при изборите за нов студентски лидер, вели Ивана Туфегчиќ од „Студентскиот пленум“, пренесува „Дојче веле“.

– Во спротивно, ќе ја опструираме работата на СПУКМ и нема да ги признаваме одлуките на органите на УКИМ – изјавила утрово Туфегчиќ.

Припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и оклопни возила, синоќа беа распоредени пред седиштето на СПУКМ, каде што членовите на Студентскиот парламент ги заклучија кутиите од вчерашното гласање за избор на претседател на Студентскиот парламент.

Протестот на „Студентскиот пленум“ пред просториите на СПУКМ заврши ноќеска околу 3 часот. Студентите претходно со туркање и со влечење, беа насилно исфрлени од просториите на СПУКМ.

„Пред наши очи применија сила врз студентите! Ги влечеа по земја да ги изнесат од просторијата, а нас нè туркаа со штитовите! Применија сила врз млади луѓе што ја бараа правдата! Полициската бруталност продолжува со уште поголем замав! Ова вечерва беше доказ дека режимот решил да удира уште посилно и посурово! Тоа треба да ни биде насока за тоа што треба да правиме понатаму! Нема правда, нема мир!“, реагираше на „Фејсбук“, претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

Претходно, додека сè уште траеше гласањето на факултетите, „Студентски пленум“ ја оспори регуларноста на изборите за претседател на Студентскиот парламент.

Од СПУКМ, пак, утрово соопштија дека со 3.851 глас, за нов претседател на студентскиот парламент е избран Давор Поповски.

Оттаму велат дека на вчерашните избори гласале вкупно 5.264 студенти.

Според СПУКМ, изборниот процес вчера се одвивал фер и демократски, освен, како што велат, скандализирањето на политички мотивираниот „Студентски пленум“, кое најостро го осудија.