Студентскиот пленум најави собир пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, закажан за утре (вторник), со почеток во 19 часот. Тема на дискусија ќе биде изборот на нови студентски претставници.
Од Пленумот ги повикуваат сите свои колеги да се вклучат во дискусијата, за како што велат, да го запрат корумпираното студентско организирање.
„Тие закажуваат избори кога студентите не се на факултетите, тие ги трошат нашите пари без пардон, тие ја одмолчуваат корупцијата на Универзитетот, тие сакаат да продолжат со тајните игри на ГРБОТ НА СТУДЕНТИТЕ.
Да не им го дозволиме тоа! Да не дозволиме повеќе ниту еден денар од студентскиот џеб да се влее во корумпираните студентски кругови! Да не дозволиме ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ за продолжување на студентскиот ланец кој одлучува во име на личен интерес, место во ИНТЕРЕС НА СТУДЕНТИТЕ“, стои во поканата за собирот.
Денеска, Студентскиот парламент ги соопшти двајцата кандидати кои ќе се борат за претседателското место на организацијата. Стефан Василевски, студент на Медицинскиот факултет и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство – ФИНКИ се двајцата кандидати за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (СПУКМ). Изборната кампања за новиот претседател на СПУКМ започнува денеска, а ќе трае до 28 јуни. Изборите, пак, треба да се одржат на 30 јуни.
RADIOMOF.MK