Студиска посета на ученици и студенти во МНР

Сподели

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оствари средба со повеќе млади лица, средношколци и студенти на правни и политички студии, кои се учесници во проектот “EUropean Youth for Engagement and Advocacy” финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија, а во организација на Пантеон Платформата. 

За време на средбата заменик министерот Димитровски ги запозна учесниците со надлежностите и работата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од аспект на организациската поставеност и структура на Министерството, како и со мрежата и надлежностите на нашите дипломатско – конзуларни претставништва ширум светот.  

Заменик министерот Димитровски информираше и за стратешките цели  и приоритети во надворешната политика, за последните актуелности во процесот  на пристапување на нашата држава во Европската Унија, за глобалните предизвици и нашите позиции, а воедно се осврна и на активностите кои ги презема Министерството и дипломатско – конзуларните претставништва во негување на врските со нашата дијаспора ширум светот.