Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ во пресрет на парламентарните избори, закажани за 11 декември, ја почна кампањата насловена „Гласај за еднаквост“. Целта на кампањата е да се вметне еднаквоста на ЛГБТИ-луѓето во јавната политичка агенда на партиите, не само за време на кампањата за претстојните избори, туку и по нив.
Пред почетокот на кампањата, како што соопшти Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, беа организирани средби со политичките партии, на кои нивните претставници одговараа на прашалник за застапеноста на ЛГБТИ-заедницата во политичките програми на нивните партии. Во предизборниот период, прашалникот бил доставен до сите политички партии, но само пет од нив одговориле, а тоа биле СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица.
Истовремено, по објавувањето на партиските програми, „Субверзивен фронт“ направи анализа дали и во кој степен се застапени прашањата и проблемите што ги засегаат ЛГБТИ-лицата.
– Општиот впечаток е дека политичките партии во многу мала мера посветуваат внимание на прашањата и на проблемите во врска со ЛГБТИ-популацијата. Само во програмите на лево-ориентираните политички партии се споменуваат овие прашања. Онаму каде што се најмногу застапени, моќта на самите партии е многу мала на политичката сцена. Ова е резултат на хетеро-патријархалните норми кои доминираат во македонското општество, а тоа се одразува и кај партиите, кои во страв да не изгубат дел од гласачите или од потенцијалните неопределени гласачи, избираат да не го кренат гласот и јасно да застанат во одбрана на човековите права на ЛГБТИ-лицата – вели Михајлов.
Кампањата е дел од пошироката стратегија за охрабрување за поголемо политичко учество на ЛГБТИ-лицата во Македонија. Таа, како што велат од организацијата, е само еден од инструментите за унапредување на еднаквоста.
Во рамките на кампањата, на 5 декември ќе се одржи и првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, на која претставници од политичките партии и државните институции ќе дебатираат за унапредувањето на положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата. Истовремено, ќе бидат претставени и предлог-измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, за правно да се признаат и да се заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, говор на омраза и од злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и на родов идентитет.