Судиите од Кривичниот суд се сретнаа со експертската група на Прибе

Сподели

Судиите од Основниот суд Скопје 1 денеска имале средба со Рајнхард Прибе и со неговиот тим на експерти, на која било истакнато дека извештајот и препораките на работната група на Прибе од 2015 година „се основа за реформите во судството“.

Судиите на средбата истакнале дека е „потребно нивно поактивно вклучување во процесот на изготвување решенија за прашањата поврзани со финансирање на судството, условите за избор и напредување во кариерата, следењето на работата и оценувањето на судиите, разрешување на судии и други прашања“.

„Воедно судиите истакнаа и дека ги подржуваат процесите кои водат кон зајакнување на нивната независност и враќање на довербата на граѓаните во судството. Присутните на средбата се согласија дека само независно судство може да биде гарант на слободата и правата на граѓаните“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Прибе и неговиот експертски тим, кој од денеска до 21 јули престојува во земјава, денеска имаше средба и со со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата Вангеловски им ги презентирал неговите предлог-мерки за спорведување на реформите во судството.

Експертот на ЕУ и неговиот тим се ангажирани од Европската комисија да ѝ помогнат и да ја советуваат Владата во спроведувањето на системските реформи за владеење на правото во земјава.