Основниот суд Скопје 1 го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на судијката Александра Поп-Стефанија од случајот „Тврдина“, информираше попладнево судот.
Одлуката, како што велат оттаму, ја донел заменик-претседателот на судот, Ивица Стефановски, бидејќи претседателот Владимир Панчевски бил на одмор.
„Во отсуство на претседателот на судот, кој користи денови од годишниот одмор, заменик-претседателот кој е овластен да го заменува и да потпишува решенија во отсуство на претседателот, поради истек на три дена од поднесувањето на барањето на СЈО, донесе решение со кое го одби барањето за изземање на судијата“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Барањето за изземање на Поп-Стефанија во судот стигна минатиот четврток додека траеше распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поради што судијката го прекина сослушувањето.
СЈО бараше изземање на судијката токму во случајот со Јанкулоска бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранок на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.
Барањето за изземање на судијката, исто така, следуваше откако таа ги отфрли барањата на СЈО за притвор и за мерки на претпазливост за Горан Грујовски, Гордана Јанулоска и за другите тројца осомничени и ја оспори надлежноста на Специјалното обвинителство за случајот „Тврдина“.