Судот пресече: Немало ништо незаконско во претресот на СЈО кај Грујовски

Сподели

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство против решението на судијката Александра Поп-Стефанија во врска со претресот на домот на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, осомничен, односно обвинет во случаите „Тврдина“ и Тврдина 2“, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Информацијата за одлуката на Кривичниот совет за „Мета“ ја потврдија и од Основниот суд Скопје 1. Оттаму велат дека со одлуката на Кривичниот совет, решението на Поп-Стефанија е укинато.

Судијката на претходна постапка, Поп-Стефанија, претходно донесе решение со кое како незаконски го оцени претресот на СЈО во домот на Грујовски, со образложение дека во моментот на претресот поранешниот началник во УБК бил во притвор, односно не бил присутен во својот дом.

Инаку, претресот во домот на Грујовски беше извршен во рамките на истражната постапка „Тврдина“, во која тој е осомничен за уништување на двата системи од незаконското прислушување.

Во врска со претставките против судиите што ги попречуваат предистражните и истражните постапки на СЈО и кривичната пријава против судијката и в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, што минатата недела ги најави специјалната обвинителка Катица Јанева, од СЈО велат дека тие сè уште се подготвуваат.

Засега нема одлука од Апелацискиот суд Скопје по жалбата на СЈО на одлуката на Михајлова за издвојување докази, односно дел од „бомбите“ и заштитениот сведок да не се користат како докази во судската постапка против поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој заедно со уште 13 лица е обвинет за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

meta.mk