Судот во Солун денеска одлучува за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

Сподели

Денеска судот во Солун треба да ја соопшти одлуката за барањето на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Македонија.

– Чекаме денеска Судот да ја соопшти одлуката. На минатите рочишта како сведоци бевме сослушани само јас и Александар Даштевски – изјави за МИА адвокатот на обвинетите, Петар Василев. Тој посочи дека доколку Судот одлучи позитивно на барањето за екстрадицијата, како одбрана имаат право на жалба до Врховниот суд во Атина, во рок од 24 часа.

Екстрадиција во Македонија на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање, му предложил обвинителот на Советот на судии, според грчката новинска агенција на минатото рочиште во солунскиот суд.

Oдбраната на Грујевски и Бошковски тврдела дека не станува збор за вистински обвиненија. И двајцата пред судот кажале дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи стравувале за своите животи и нама да имаат фер судење. Исто така, ги негираат обвиненијата за кои што се товарат и ги оцениле како „политички прогон“.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.