Судскиот совет избира в.д. претседател на Врховниот и на Кривичниот суд

Сподели

sudski-sovet-sednica

Судскиот совет на Република Македонија денеска на седница, закажана за 11 часот, ќе избира вршители на должност претседател на Врховниот и на Основниот суд Скопје 1, бидејќи на досегашните претседатели на овие два суда, Лидија Неделкова и Владимири Панчевски, вчера им истече мандатот.

Одлуката за определување в.д. претседател на Врховниот и на Кривичниот суд во Скопје е втора точка од дневниот ред на седницата, стои во соопштението од Судскиот совет.

Дел од медиумите шпекулираат дека најсериозен кандидат за в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1 е актуелниот заменик-претседател на судот, судијката Дијана Груевска-Илиевска.

Инаку, Неделкова и Панчевски поднесоа кандидатури за нивен реизбор на досегашните функции, а изборот треба да биде спроведен веднаш по завршувањето на предвремените парламентарни избори, закажни за 11 декември.

Покрај Панчевски, кандидати за претседател на Кривичниот суд во Скопје се и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегчиќ, а кандидатури за претседател на највисокиот суд во државата, освен Неделкова, поднесоа и поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова и нејзината колешка од Врховниот суд, судијката Беса Адеми.

Судскиот совет на седницата што беше одржана на 23 ноември одлучи да изврши вонредно оценување на кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1, Врховниот суд и на основните судови во Тетово и во Штип. На ваквата одлука реагираше судијата Туфегџиќ, кој поднесе предлог-иницијатива за поништување на изборот на судии, бидејќи, како што смета тој, со вонредното оценување на кандидатите се нарушува принципот на еднаквост и на рамноправност при избор на судии и на претседатели на судови и нивно доведување во нерамноправна положба во однос на веќе избраните судии и претседатели на судови во втората половина на 2016 година.

meta.mk