Свечено отворање на 23. издание на фестивалот „Синедејс“

Сподели

Со проекција на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, Росфорт (Rosforth) и Румракет (Rumraket), како и со концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд“, на 11 јули ќе биде отворено  23. издание на фестивалот „Синедејс“.

Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023 година, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност, соопшти МКЦ. 

Премиерата на филмот се одржа на 23 март 2024 година во рамките на „CPH:DOX“ и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари. 

Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав преку патувачка турнеја низ Северна Македонија. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, како и музичарите: Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од: Министерството за култура, Данскиот уметнички совет и програмата на Европската Унија „Културата ја движи Европа“ (Culture Moves Europe).

Годинашниот фестивал „Синедејс“ ќе трае до 17 јули.