Светска премиера на филмот „Врба“ од Милчо Манчевски

Сподели

 

Во рамките на 14. издание на Филмскиот фестивал во Рим, вчера премиерно беше прикажан најновиот  игран  филм „Врба“  на  режисерот Милчо Манчевски.

Филмот „Врба“ на Фестивалот во Рим се најде во официјалната програма меѓу 33  филмови, од 25 земји во светот.

Фестивалот беше отворен на 17. октомври со проекција на најновиот филм на актерот и режисер Едвард  Нортон, „Бруклин без мајка“, во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, НаталијаТеодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во другите улоги настапуваат: Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музикатаја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.