Светски ден на хепатитис: „Јас не можам да чекам“

Сподели

 

„Јас не можам да чекам“ е мотото под кое оваа година се одбележува 28 Јули, Светскиот ден на хепатитис, со цел да се нагласи потребата од засилување на борбата против вирусниот хепатитис и важноста од навремено тестирање и лекување, бидејќи тој е најголем ризик фактор за појава на карцином на црниот дроб.

 

 

Одбележувањето на овој ден дава гласност на оние кои се погодени од вирусен хепатитис, повикувајќи на итна акција и крај на стигмата и дискриминацијата, истакнуваат од здружението “Хепар Центар Битола“. Оттаму објаснуваат дека болестите на црниот дроб се високо на агендата на здравствените  институции во нашата земја, но потребно е повеќе да се посвети внимание на обезбедување на континуитет во лекувањето и воведување на нови терапии и дијагностични процедури.

 

https://youtu.be/HPsSA8AdQUM

 

Годинава во Програмата за рана детекција на малигни заболувања за прв пат се предвидени и промотивни активности за превенција и рана дијагностика на хепатоцелуларен карцином кои ќе се реализираат во рамки на новиот Центар за болести на црниот дроб кој е дел од Клиниката за гастроентерохепатологија. „Хепар Центар Битола“ во партнерство со Клиника за гастроентерохепатологија и во соработка со корпоративната индустрија обезбеди донација од 400 пивка тестови за рана детекција на црнодробен карцином. На оваа клиника исто така е обезбеден и буџет за најсовремена терапија за хепатитис Ц. На  Клиниката за онкологија и радиотерапија предвиден е буџет за најсовремена терапија за пациентите со карцином на црниот дроб. За посебно одбележување е и тоа што годинава во организација на ГОБ  „8 Септември“, Одделение за интервентна радиологија и Македонската асоцијација на радиолози беше одржан првиот Мултидисциплинарен симпозиум за тумори на црниот дроб. Во тек е и  технички процес за добивање на донација на најсовремен Фибро скен со помош на Европската асоцијација на пациентите со болести на црниот дроб. Овој апарат е значаен бидејќи дава можност за попрецизна евалуација на структурата на црниот дроб, што е значајно за побрзо и полесно дијагностицирање на заболувања.

 

Во наредниот период фокусот на активности треба да се стави на елиминација на хепатитис Ц, имунизација и како и ставање на Позитивната листа на современи лекови за третман на хепатитис Б. Исто така треба да се подобри и да има континуитет во набавката на иновативни лекови и воведување на современа дијагностика кои се веќе одобрени во земјите на Европа и САД.

„Покрај Националната Декларацијата за рак на црниот дроб потребно е и да се усвои и Национален план за борба со рак како дел од #EUCancerPlan, што ќе биде ветар во грб за справување со домашни и прекугранични здравствени закани. Во однос на третманот апелираме да се создадат можност да се да се набавува поголема количина од минималната за лекови за да има терапија и за ново дијагностицирани пациенти“, истакнуваат од „Хепар Центар Битола“.

 

 

Статистиката покажува дека речиси 3.000 луѓе умираат од хепатитис Б и Ц секој ден, а на секои 30 секунди еден човек го губи животот од хепатитис Б и Ц. Навременото тестирање и лекување на хепатитис Б, Ц и Д може да спаси животи, а ако хепатитисот не се лекува може да доведе до рак на црниот дроб. Загрижувачки е и податокот дека 90 отсто од луѓето кои живеат со вирусен хепатитис не се свесни дека го имаат, затоа е важно можностите за тестирање на хепатитис да бидат подостапни за повеќе луѓе за да може навремено да се тестираат и лекуваат.