На Клиниката за ендокринологија денес се одбележи Светскиот ден на обезноста – 4 март.
Обезноста е сериозен светски здравствен проблем и има загрижувачки тренд на пораст во светот и кај нас, кој посебно ги засега децата и адолесцентите. Токму затоа значајно е функционирањето на Центарот за дебелина каде досега се прегледани над две илјади пациенти.

На Универзитетската клиника за ендокринологија во Скопје, во Центарот за справување и третман на обезност, се третирал најдебелиот пациент со тежина од 288 килограми, кој беше на специјализирана терапија.
Новина од годинава е што се воведува нов лек за спречување компликации и коморбититети од кардиоваскуларни и други заболувања, информира министерот Таравари. Тој ги истакна сериозните бројки и предвидувањата дека бројот на луѓе со обезност ќе расте. Според него, за само 10 години, бројот на луѓе со индекс на телесна тежина над 30 ќе порасне за 50%.

-Ние како Министерство за здравство и Фондот за здравство планираме да отвораме нови амбуланти и центри за третман на дебелината во земјата. За прв пат, околу 40 пациенти ќе можат да бидат оперирани ако имаат индикација за операција, а трошоците ќе бидат покриени од здравствениот систем“, изјави министеротТаравари.
Директорот на Клиниката за ендокринологија, д-р Хасан Танер, истакна дека Македонија има можност да ги третира овие пациенти и без да се вратат во странство. Операциите, кои ќе бидат спроведувани во земјата, ќе се координираат преку мултидисциплинарен тим, кој ќе ги вклучи ендокринолозите, гастроентеролозите, психолозите и нутриционистите.
